Samsung ја објави својата Health Monitor апликација, која има можност за мерење на крвниот притисок, а ја поддржува Galaxy Watch Active 2 серијата паметни часовници. Со тоа, компанијата малку побрза, бидејќи претходно беше објавено дека оваа функција ќе биде достапна во текот на третиот квартал оваа година. Засега е овозможена само во Јужна Кореја, каде во април доби дозвола од Министерството за храна и безбедност на лекови.

Galaxy Watch Active 2 се уште нема да може да се искористи како целосна замена за класичните мерачи на крвниот притисок. Уште повеќе, тие ќе бидат потребни за калибрација на часовникот и тоа на месечно ниво. Системот работи врз основа на оптичките сензори кои ги мерат промените во крвниот притисок, а не неговата точна вредност. Поради тоа, Health Monitor апликацијата на Samsung може повеќе да се искористи за следење на трендот на движење на крвниот притисок, отколку за негова проверка во одреден момент.

Најавено е дека оваа апликација ќе поддржува и EKG (електрокардиограм) на срцето, но тоа ќе биде достапно дури од следниот квартал, исто така само во Јужна Кореја. Samsung не дава информации дали и кога овие опции ќе бидат достапни и во другите држави, а тоа секако нема да биде пред секоја поединечна држава да ја одобри неговата примена.