Кон крајот на минатата година, Интел ги објави своите процесори Alder Lake, отворајќи го патот за ерата на DDR5 меморија. На самиот почеток цените на DDR5 меморијата беа исклучително високи, но во меѓувреме состојбата на пазарот значително се стабилизира.

ComputerBase веќе некое време ги проверува и анализира цените на DDR5 меморијата. Во првите месеци од објавувањето, DDR5-4800 мемориските модули од 32 GB чинеа повеќе од 500 евра, но сега слична меморија може да се најде за помалку од 175 евра.

Тоа ја става цената на еден гигабајт DDR5 меморија под пет евра, а истиот гигабајт чинеше околу 15 евра на крајот на 2021 година. Само во претходниот месец цената на мемориските модули користени како референца (Kingston ValueRAM DIMM) падна за 20 отсто.

Доколку продолжи сегашниот тренд, до крајот на летото би можеле да имаме ситуација цената на DDR5 мемориските модули да биде во согласност со цените на DDR4 меморијата.

Треба да се напомене дека подобрувањата во цената се најзабележливи кога станува збор за меморијата DDR5-4800. Ако сакате модули со брзина до 6000MHz, треба да одвоите најмалку 250 евра. За се надвор од тоа, цените одат над 400 евра.