Сателитските снимки направени од вселената беа клучни за известувањето за војната во Украина, па дури и помогнаа да се откријат дезинформациите што се шират од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари.

И додека сателитите, како оние што ги користи Maxar Technologies за документирање на војната, се опремени со моќни камери за зумирање, конфликтот исто така се чини дека е видлив со голо око од орбиталниот космос.

„Кога сте во вселената, на почетокот се чувствувате како да сте далеку“, изјави за германски АРД, Матијас Маурер, астронаут од Европската вселенска агенција (ESA), кој неодамна се врати на Земјата откако помина 177 дена на Меѓународната вселенска станица.

Тој рече дека руската инвазија е „јасно видлива со голо око од вселената“ и дека може да видат „огромни црни облаци од чад над градови како Мариупол“, пристанишен град кој беше центар на руската инвазија.

Бидејќи се движи со голема брзина, ISS прави круг околу Земјата на секои 90 минути, така што Маурер имал добар поглед на Украина многу пати за време на неговиот престој на станицата.

„На почетокот на војната, целата земја беше во темница ноќе. Нешто како гром можеше да се види во Киев во текот на ноќта“, додека ракетите гаѓаа цели во главниот град на Украина.

Маурер се врати дома претходно овој месец и рече дека сите членови на екипажот, вклучително и рускиот космонаут, рекле дека „страшни работи се случуваат во Украина“.

Астронаутот имаше уникатна перспектива над Земјата и рече дека одлуката да се оди во војна изгледала уште поодвратна и збунувачка.

„Војната гледана одозгора е сто пати поирационална отколку од Земјата. Зошто ние луѓето не се држиме заедно“, се прашува Маурер.

Руските космонаути покажаа знаци на единство со нивните западни колеги. Во март, екипаж од космонаути се качија на ISS во жолто-сини униформи кои одговараат на боите на украинското знаме, меѓутоа, шефот на Роскосмос Дмитриј Рогозин има поинаков став и најави повлекување на Русија од ISS. Тој додаде дека космонаутите ќе останат само доколку има „безусловно укинување на незаконските санкции“ наметнати по почетокот на руската инвазија на Украина.

Рогозин, исто така, рече дека Американците сега можат да летаат во вселената со „американски метли“ бидејќи пристапот до руските ракети Сојуз за идните вселенски операции ќе биде суспендиран.