Компанијата Твитер објави дека е подготвена да склучи купопродажен договор со Илон Маск вреден 44 милијарди долари по претходно понудената цена и услови.

Договорот е предмет на одобрување од акционерите на Твитер, а се проценува дека зделката би можела да биде завршена во 2022 година, се вели во соопштението на компанијата, пренесува Ројтерс.

Американскиот претприемач и милијардер Илон Маск навести дека можеби бара пониска цена за купување на Твитер, проценувајќи дека е можно да има најмалку четири пати повеќе лажни сметки на таа социјална мрежа отколку што тврди компанијата.

„Не можете да ја платите истата цена за нешто многу полошо отколку што тврдеа“, рече тој на конференцијата во Мајами во понеделникот вечерта.

Маск, кој во петокот рече дека го одложил договорот за купување на Твитер од 44 милијарди долари додека не добие информации за лажни сметки и спам, велејќи дека се сомнева дека тие сочинуваат најмалку 20 отсто од корисниците во однос на официјалната проценка на Твитер од 5,0 отсто, пренесува Ројтерс.

Запрашан на конференцијата дали е изводлив договор за купување на Твитер по различна цена, Маск одговори: „Мислам дека тоа не е исклучено. Колку повеќе прашања поставувам, толку повеќе се зголемуваат моите грижи“.

Тој додаде дека директорите на Твитер велат дека имаат сложена методологија што само тие можат да ја разберат.

„Не може да се работи за некоја длабока мистерија што е, на пример, посложена од човечката душа или нешто слично“, рече Маск.

Акциите на Твитер продолжија да тонат при тргувањето доцна попладне во понеделникот по коментарите на Маск. Акциите паднаа за повеќе од 8,0 отсто на 37,39 долари, што е под нивото на кое беа еден ден пред Маск да открие на почетокот на април дека купил 9,0 отсто од акциите во компанијата.

Неговите зборови посеаа сомнеж дека тој ќе продолжи со преземањето на компанијата по договорената цена.

Претходно во понеделникот, извршниот директор на Твитер, Параг Агравал, твитна дека внатрешните проценки за спам на социјалните медиуми во изминатите четири квартали биле „под 5,0 проценти“, реагирајќи на неколкудневните изјави на Маск дека компанијата се справува со лажни налози.

Оценката за Твитер, која остана иста од 2013 година, не може да се репродуцира однадвор, бидејќи бара користење и на јавни и приватни информации за да се утврди дали сметката е спам, напиша шефот на Твитер.

Маск одговори на одбраната на Агравал на методологијата на компанијата со емотикон на уморно лице, коментирајќи: „Па, како огласувачите знаат што добиваат за своите пари? Тоа е фундаментално за финансиското здравје на Твитер“.