Електричните градски автомобили стануваат сè попопуларни во Европа, а овој зад кој стои компанијата Squad Mobility може да се пофали дека добива струја директно од Сонцето.

Соодветно именуван Squad (Solar Quad), возилото е дело на поранешните вработени во компанијата Lightyear, Роберт Ховерс и Крис Клок, кои дизајнираа достапно возило на соларна енергија за секого.

Резултатот е EV со две седишта што го „премостува јазот помеѓу автомобилите и возилата на две тркала“, како што се скутери и мопеди.

Се карактеризира со релативно едноставен дизајн, кој вклучува големи стаклени површини и тркала поставени на самите агли на каросеријата. Има и врати кои можат целосно да се отстранат, а најинтересен е соларниот панел на покривот.

Од Squad Mobility тврдат дека за време на сончев ден панелот може да обезбеди до 20 km возење. Ова е сосема солидна автономија на возење бидејќи компанијата наведува дека просечниот корисник на мали градски автомобили во Европската унија патува само околу 12 километри дневно.

Бидејќи не можете постојано да сметате на сончево време, Squad има заменливи батерии кои им овозможуваат на сопствениците да стават целосно наполнета наместо празна.

Батеријата може да се извади за полнење на обичните домашни приклучоци, а кога е полна, дизајнирана е да обезбеди автономија при возење до 100 km.

Со оглед на тоа што градскиот автомобил е дизајниран да биде достапен за клиентите, не е изненадување што внатрешноста е спартанско уредена. Сепак, Squad има дигитална инструмент табла, а може да се нарача и со клима уред. Возилото нуди и држач за телефон за сопствениците да можат да го користат својот паметен телефон за навигација и мултимедијални содржини.

Во однос на техничките детали, возилото има два електромотори поставени одзади кои произведуваат комбинирана моќност од 5 КС (4 kW). Не е многу, но е доволно за максимална брзина од 45 km/h.

Squad треба да биде лансиран следната година со основна цена од 6.250 евра, без ДДВ. Компанијата моментално прима нарачки, а во план е и помоќна варијанта со четири седишта, која може да достигне брзина од 70 km/h.