Нашето знаење за далечните планетарни постојано се зголемува, бидејќи новите технологии продолжуваат да го изоструваат нашиот поглед во вселената. До денес, околу 3.700 планети веќе се откриени надвор од нашиот Сончев систем. Планетарните маси и радиусите на овие егзопланети се користат за да се разбере нивната густина, но не и нивниот точен хемиски состав и структура. Оттаму, сè уште е отворено интригантното прашање за тоа како би можеле да изгледаат овие планети, пишува Science Daily.

“Теоретски, можеме да претпоставиме за различни композиции, како што е свет направен само од вода, свет само од карпа, како и планети кои имаат водородно-хелиумска атмосфера и да истражиме каков што радиус би можел да се очекува“, објаснува Мајкл Лозовски, научник при Институтот за компјутерска наука на Универзитетот во Цирих.

Лозовски и неговите соработници користеле бази на податоци и статистички алатки за да ги карактеризираат егзопланетите и нивните атмосфери. Сепак, директно измерените податоци претходно не им овозможиле на истражувачите да ја одредат точната структура на планетите, бидејќи различните композиции може да имаат иста маса и ист радиус. Освен точноста на податоците кои се однесуваат на масата и радиусот, истражувачкиот тим ја испитувал и претпоставената внатрешна структура, температура и радијација кај 83 од 3.700 познати планети, а кај кои масата и радиусот се прецизно одредени.

“Користејќи база на податоци за откриените егзопланети, откривме дека секоја теоретска планетарна структура има ‘радиус на прагот’, односно планетарен радиус над кој не постојат никакви други планети од оваа композиција“, објаснува Лозовски. Количината на елементите во гасовитиот слој кои се потешки од хелиумот, потоа процентот на водород и хелиум, како и распределбата на елементите во атмосферата се важни фактори при одредувањето на радиусот на прагот, додава научникот.