Мајкрософт наскоро ќе ги имплементира табовите во File Explorer за Windows 11, заедно со ажуриран дизајн што ќе го олесни брзиот пристап до фолдерите и фајловите.

Функцијата со табови долго време беше меѓу најбараните од корисниците, а за прв пат беше забележана во тест верзиите на Windows 11 минатиот месец. Ажурираниот дизајн на File Explorer вклучува табови за навигација во повеќе папки во еден прозорец, како и можност за преместување табови.

Мајкрософт исто така додава нова почетна страница на File Explorer, која вклучува типични Quick Access папки, неодамнешни документи и нова опција „favorites“. Корисниците наскоро ќе можат да кликнат со десното копче за да додадат фајл во списокот со омилени, а тој ќе се појави закачен на почетната страница или на File Explorer.

Тука е и подобрената опција за споделување фајлови, со подобрен дијалог за споделување што ви овозможува да испраќате неодамнешни контакти или апликации како Teams, Outlook и OneDrive.

Засега не е познато кога ќе се појави ажурираниот File Explorer. Мајкрософт моментално го тестира како дел од голем број подобрувања на Windows 11 кои се очекуваат во наредниот период.