Според последното соопштение, хакерската група Анонимуси дошла до личните податоци на дури 120.000 руски војници кои се борат во Украина.

Еден од најжестоките противници на руската агресија во Украина е секако групата хакери Анонимуси, кои користат различни начини да ги попречат Русите од почетокот на војната.

Кога започна инвазијата, тие самите објавија сајбер војна на руската влада, а сега објавија дека нивниот последен напад се однесува на личните податоци на руската армија.

„Откриени се лични податоци на 120.000 руски војници кои се борат во Украина. Сите војници кои учествуваат во инвазијата на Украина треба да бидат подложени на суд за воени злосторства“, се вели во соопштението на колективот.

Ова доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го означи рускиот напад врз Украина и нејзините цивили како геноцид.

Потсетуваме дека групата изврши серија напади, од кои последниот беше врз Централната банка на Русија.

Од самиот почеток тие беа јасни во едно: „Хакирањето ќе продолжи се додека Русија не престане со својата агресија“, велат од Анонимус.