Корисниците на Android уредите во Украина ќе добиваат предупредувања за воздушни напади пред да се случат во нивна близина, соопшти Google.
Во блог пост, Google ја потврди соработката со украинската влада со намера да воспостави систем за предупредување од воздушен напад, кој е наменет за мобилните телефони со оперативниот систем Android.
„За жал, милиони луѓе во Украина се потпираат на стандардни предупредувања и предупредувања за воздушни напади за да се обидат да се засолнат“, се вели во објавата.
„Известувањата на Android ќе се засноваат на оние што веќе ги испрати украинската влада и на систем кој беше развиен за брзо испраќање предупредувања за земјотреси“, рече Дејв Бурк, потпретседател за развој на Android.
Google веќе ја понуди и ја истакна апликацијата Ukrainian Alarm на Google Play Store, која испраќа предупредувања за напади до Украинците во регионите со активни предупредувања за напади. Новиот систем за предупредување е достапен од денеска и ќе пристигне на сите Android телефони во Украина во наредните денови.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Google го намали своето присуство во Русија. Продажбата на реклами е стопирана, а апликациите за руски медиуми финансирани од руската влада се отстрануваат од Google Play во Европа.
„Руската инвазија на Украина е трагедија и најавена е хуманитарна катастрофа“, соопшти Google на 1 март. Компанијата потврди дека прави напори да им помогне на луѓето во Украина преку своите производи, да ги заштити од сајбер закани и да понуди квалитетни и веродостојни информации за да се осигура безбедност.
Поврзани артикли