Samsung пред неколку дена ја претстави својата нова флегшип Galaxy S22 серија. Беа објавени три модели – Galaxy S22, Galaxy S22+ и Galaxy S22 Ultra. Се чини дека оваа серија веќе се соочува со проблеми.
Samsung на 9. февруари почна со преднарачки за триото Galaxy S22, а јужнокорејската компанија тогаш соопшти дека телефоните ќе пристигнат на 25 февруари, за оние кои однапред ќе нарачаат, но се чини дека нема сите да имаат таква среќа.
Samsung се соочува со големи проблеми при испораката на моделот Galaxy S22. Од Samsung, меѓу другото, за PCMag изјавија дека се благодарни за возбудата на купувачите во врска со новата флегшип линија и дека бројот на преднарачки ги надминува очекувањата на компанијата. Оттаму додаваат дека поради овие проблеми, односно преголемиот интерес за телефоните, ќе има доцнења во испораката на уредите во зависност од пазарот, моделот, бојата и слично, па затоа побараа трпение и разбирање од корисниците.
На официјалната веб-страница на Samsung стои дека доколку денеска некој нарача Galaxy S22 или Galaxy S22 Plus, ќе ги добие на 4 март, додека за ексклузивните бои на телефоните ќе биде потребно уште подолго време.
Amazon и Best Buy продолжуваат да прифаќаат преднарачки, но не откриваат информации за тоа кога телефоните би можеле да им бидат доставени на клиентите.
За потсетување, Galaxy S22 и Galaxy S22+ се достапни во четири бои – црна, крем, сина и виолетова, додека Galaxy S22 Ultra е достапен во црна, црвена и сина боја.
Почетната цена на Samsung Galaxy S22 во Европа е 850 евра, додека почетната цена на Galaxy S22+ изнесува 1050 евра. Samsung Galaxy S22 Ultra во Европа чини 1250 евра, па до 1650 евра.