Откако Сатја Надела го презеде кормилото на Microsoft, компанијата потроши повеќе од 100 милијарди долари на аквизиции. Најзвучното име е она најсвежото – преземањето на Activision Blizzard за речиси 70 милијарди долари, што регулаторите допрва треба да го одобрат. Пред тоа најголема аквизиција беше LinkedIn (повеќе од 26 милијарди долари), а од попознатите имиња Microsoft ги купи и Mojang, Bethesda, ZeniMax Media и GitHub.
Најновите информации сугерираат дека на радарот на Microsoft сега е Mandiant, компанија позната по софтверот за сајбер безбедност, а цената на потенцијалното купување, според медиумските извештаи, треба да биде околу 4,5 милијарди долари.
Сајбер безбедноста е најголемата закана за компаниите денес, предупреди Сатја Надела при неодамнешното објавување на деловните резултати.
Пазарот за сајбер безбедност моментално е најинтересен за Microsoft, па покрај Mandiant, тие бараат и нови потенцијални цели за преземања. Минатата година купија неколку помали стартапи како CloudKnox Security, RiskIQ и CyberX, а оваа година се во потрага по нови компании чии решенија би можеле да ги имплементираат во своето безбедносно портфолио.
Овој пазар им е особено важен бидејќи, објаснуваат на CNN, безбедноста е профитабилен бизнис кој постојано генерира нови приходи преку годишни претплати и му помага на Microsoft да привлече нови корпоративни клиенти кои полесно ќе одлучат да ги користат нивните постоечки облак решенија и услуги.
Минатата година приходите од решението за сајбер безбедност изнесуваа повеќе од 15 милијарди долари, што е зголемување за 45% во однос на годината пред тоа.
Извор: Zimo.hr