Facebook потпишал договор за споделување на податоци за корисниците со најмалку 60 компании, меѓу кои се Apple, Amazon, Samsung и Microsoft.

Без дозвола на корисниците и без нивно знаење, технолошките гиганти имале пристап до приватни податоци на корисниците, дури и после ветувањето на Фејсбук дека нема да ги споделува тие податоци, пренесува „Њујорк Тајмс“.

Основачот на Facebook, Марк Цукерберг сведочеше во американскиот Конгрес во април откако изби скандалот со британската компанија „Кембриџ Аналитика“, откако протече информација дека таа аналитичка компанија во разни политички кампањи ги користела податоците на 87 милиони корисници на Facebook.

Од аспект на приватноста, споделувањето на податоците на корисниците стана проблематично уште во 2012-та година. Две години подоцна, Facebook започна да ја укинува праксата на девелоперите на апликацијата да им се даваат на увид информации за пријателите на корисниците (имиња, датум на раѓање, политички и верски ставови…). Сепак, според „Њујорк Тајмс“, најголемиот дел од овие договори и натаму се на сила.

„Шокантно е тоа што оваа пракса се спроведува и шест години подоцна, а се чини дека е контрадикторно сведочењето на Facebook пред Конгресот, каде што беше кажано дека споделувањето на податоците за пријателите е оневозможено“, вели Сенди Паракилас која што тогаш работела во Одделението за работа со правни норми во Facebook.

Од најголемата социјална мрежа на светот веднаш реагираа на ваквите тврдења на „Њујорк Тајмс“. Од Facebook признаа дека биле потпишани договори за давање на пристап на информации со 60-тина компании, вклучувајќи ги Apple, Amazon, Samsung и Microsoft, но нагласија дека тие не давале податоци за пријателите, без дозвола од корисниците.

Наводно, намерите на Facebook биле добри – корисниците на Facebook да имаат пристап до мрежата пред да настанат апликациите и стандардизираните оперативни системи. Од Фејсбук тврдат дека немаат информации дека дошло до било каква злоупотреба на информациите.

Извор: Zimo.hr