На својот Virtual CES настан, LG најави неколку нови монитори, а еден од нив наречен LG DualUp на пазарот доносува целосно нов формат, со необичен сооднос од 16:18. Станува збор за вертикален екран со резолуција од 2.560 x 2.880 пиксели, резолуција која LG ја нарекува „Square Double QHD“. Кога се користи со функцијата за вертикално делење на екранот, DualUp изгледа како два монитори од 21,5 инчи еден врз друг.

Ова може да биде подобар формат за преглед на веб-содржини, но и за оние кои имаат потреба постојано да користат повеќе прозорци или монитори. Во својата најава, LG наведува дека овој модел ја намалува потребата за често движење на главата лево-десно, со што се намалуваат болките во вратот. DualUp е дизајниран и да зафаќа помалку простор и ќе доаѓа со LG Ergo држач што се заштрафува или се прицврстува на работната маса. Станува збор за Nano IPS монитор со максимална осветленост од 300 нита, контраст 1000:1 и поддршка за HDR10.

Покрај моделот DualUp, LG претстави 32-инчен 4K UHD монитор од UltraFine серијата. Доаѓа со конвенционален однос на страници, но е првиот што користи LG Nano IPS Black панел технологија, која обезбедува контраст од 2.000:1 Повеќе информации за двата премиум модела се очекуваат на прес-конференција на 4. јануари, наведува Engadget.