Компанијата Google планира следната година да понуди Android игри на компјутерите со оперативниот систем Windows.
Апликацијата Google Play Games ќе биде достапна за корисниците на Windows од 2022 година, а ќе биде создадена од Google за да овозможи уживање во игрите од Google Play на лаптопи, таблети и компјутери со Windows.
„Корисниците од 2022 година ќе можат да уживаат во своите омилени игри од Google Play на повеќе уреди, како на мобилни телефони, таблет и Chromebook уреди, и на компјутери со Windows. Производот на Google го донесува најдоброто од Google Play Games на повеќе лаптопи и десктоп компјутери. Многу сме возбудени што ќе ја прошириме нашата платформа со цел играчите да можат уште повеќе да уживаат во нивните омилени игри за Android“, соопштија од Google.
Get ready to play your favorite @android games on your PC. Pick up where you left off anytime.
Google Play Games on PC, coming soon in 2022. Follow @GooglePlay to stay in the loop. pic.twitter.com/BfovbNSi5C
— The Game Awards (@thegameawards) December 10, 2021
Портпаролот на Google, Алекс Гарсија-Кумерт изјави за The Verge дека компанијата ја развила самата апликација, што значи дека не соработувала со Microsoft, BlueStacks или други партнери. Претстојната апликација ќе им овозможи на гејмерите лесно да ги продолжат своите игри на компјутер откако претходно ги играле на смартфон, таблет и Chromebook.
Google не го објави точниот датум на достапност на апликацијата, но сигурно ќе се појави следната година. Сè уште не е познато која технологија ја користи Google за да ги имитира апликациите за Android на Windows, но игрите ќе работат локално наместо да се пренесуваат од облак.
„Ова ќе биде нативна Windows апликација од Google, која ќе поддржува Windows 10, но и понови оперативни системи. Нема да има стриминг на игрите“, додаде Хартрел.
Најавата доаѓа неколку месеци откако Microsoft почна со тестирање на апликациите за Android на компјутерите со Windows 11. Microsoft го креираше подсистемот Windows Subsystem за Android, кој овозможува покренување на Android апликациите од различни извори. Софтверскиот гигант се здружи со Amazon за да им овозможи на корисниците на Windows да инсталираат игри и апликации од Amazon Appstore, но нативната Google Play поддршка нема да биде официјално достапна преку функцијата на Microsoft.