Apple одлучи да го намали производството на iPad, откри Nikkei Asia. Производителите на Apple станаа жртви на ограничувањата на глобалниот синџир на снабдување, а ресурсите и компонентите ќе бидат распределени на iPhone 13 линијата производи за да се осигура дека продажбата на телефони останува недопрена.

Побарувачката за iPad всушност расте на годишно ниво поради работата на далечина и учењето среде пандемија. Nikkei Asia објави пораст од 6,7% на 53,2 милиони уреди минатата година, со што е обезбедена речиси една третина од вкупниот пазар на таблет уреди во светот. Сепак, Apple сега му дава приоритет на производството на iPhone 13, бидејќи се очекува поголема побарувачка на западните пазари како Европа и Америка.

iPhone 13 серијата дели заеднички чипсет со iPad mini – A15 Bionic, како и RAM меморија и чипови за складирање податоци. Apple е свесен дека ова може да влијае на приходите од iPad за периодот октомври-декември, но финансискиот директор Лука Маестри изјави дека ова е единствениот производ во портфолиото што забележал пад.

Аналитичарите не се изненадени од одлуката на Apple. Брејди Ванг, технички аналитичар во Counterpoint Research изјави за Nikkei Asia дека е „природно“ да се даде приоритет на iPhone. Apple продава над 200 милиони паметни телефони годишно, и тоа е центар на екосистемот на Apple, како и култен производ на брендот. Исто така, Купертино веќе е далеку пред останатите конкуренти, па може да си дозволи да го намали својот удел на пазарот на таблет уреди.