Следните буџетски TWS слушалки на компанијата OnePlus, под името Buds Z2, веќе некое време се појавуваат во гласините. Сега имаме нови фотографии, како и потврда на досегашните информации за карактеристиките на овие слушалки.

Најголемата надградба во однос на претходниот модел ќе бидат три микрофони, кои се користат за активно исклучување на бучавата во позадина, како и подобрен дизајн што подобро го поднесува ветарот. Слушалките се заштитени од вода и пот преку IP55 сертификат, додека футролата за полнење има IPX4 сертификат.

Buds Z2 поддржуваат Bluetooth 5.2, но немаат напредни кодеци за аудио стриминг, па се потпираат на основните AAC и SBC кодеци. Звукот го произведуваат драјвери од 11мм.

Секоја слушалка има 40mAh батерија, додека футролата има дополнителна ќелија од 520 mAh. Полнењето во футролата, од 0 до 100 проценти се постигнува за 90 минути, а вкупното време на репродукција на содржини оди до 27 часа со вклучено исклучување на вревата или до 38 часа без оваа функција. Без футрола, слушалките можат да траат до пет часа со вклучен ANC или до седум часа без оваа опција.

Самата футрола се полни преку USB-C порт, но не поддржува безжично полнење. OnePlus Buds Z2 слушалките ќе бидат достапни во Night Black или Day White варијанти.