А1 Македонија ја започна програмата А1 WayUp преку која е во потрага по дипломци кои имаат познавање од областа Data science и Data analytics и кои се подготвени да го збогатат и надградат своето знаење и искуство преку работа на реални проекти.
Учесниците кои ќе работат како дел од тимот за Datascience потребно е да имаат основно познавање на концептите за машинско учење, SQL и Python, додека делот Data analytics е наменет за кандидатите кои уживаат да работат со бројки, организирање и толкување статистички податоци и кои сакаат да работат на проекти поврзани со финансии, маркетинг автоматизација, логистика и набавки, како и анализа на податоци за корисничко искуство.
Кандидатите кои ќе станат дел од големото А1 семејство ќе добијат можност да работат заедно со искусни ментори, професионалци во своето поле на работа кои ќе им пружат целосна поддршка и ќе го споделат своето знаење. Главната цел на менторот ќе биде да ги воведе новите членови на тимот во агилниот начин на работа, да ги разбере идеите и да креира архитектура на решенија кои ќе доведат до финален резултат и успешно завршен проект.
Програмата е платена и трае една година, со полно работно време од 40 часа, а можат да се пријават дипломци кои дипломирале во последните 12 месеци или кои годинава ќе ги завршат своите студии.
Периодот за аплицирање трае од 12 август до 3 септември 2021 година, а сите заинтересирани кандидати може да се пријават на следниот линк и да започнат со A1 WayUp.