Blur Busters во текот на 2017. година одработи тест на инженерскиот примерок на првиот 4K 120Hz панел, кој можеше да оствари и 480Hz освежување во 540p мод на ниска резолуција. Овие монитори, со панели од 28″ TN и 39″ VA, ги креираше ZisWorks, но беа наменети за DIY корисниците и тестери.

Сепак, 480Hz панели наскоро би можеле да станат достапни и за стандардните корисници, според наводите на TFTCentral. Според извештајот, LG Display и AU Optronics (AUO) наводно работат на овие панели со ултрабрзи стапки на освежување. Панелите ќе бидат подготвени за производство до крајот на 2022. година, а се очекува дека ќе им станат достапни на потрошувачите во текот на 2023. година.

Кога се во прашање карактеристиките, не се познати премногу детали, но извештајот сугерира дека LG панелите ќе имаат 24,5-инчен 1080p дисплеј со поддршка за DisplayHDR 400 и солидна репродукција на бои. Кога е во прашање AUO моделот, се сугерира само дека ќе станува збор за 1080p екран. SweClockers, од друга страна, споменува дека AUO за оваа година подготвува 1440p 360Hz панел.