Откако понуди спектакуларни резултати во првите шест месеци од работењето, вселенскиот телескоп James Webb ја откри својата прва егзопланета.

Телескопот „ѕирна“ 41 светлосна година во космосот и потврди планета во соѕвездието Octans со пречник што е 90 проценти од оној на Земјата. Планетата беше потврдена и именувана LHS 475 b.

Тим од астрономи од Универзитетот Џон Хопкинс, предводени од Кевин Стивенсон и Џејкоб Лустиг-Јегер, забележале докази за кандидатска егзопланета додека „копале“ податоци собрани од сателитот TESS на НАСА. Сепак, инструментот на телескопот James Webb под називот Near-Infrared Spectrograph (NIRSpec) го потврди постоењето на планетата со набљудување на два транзита пред нејзината ѕвезда.

„Нема сомнеж дека се работи за планета. Беспрекорните податоци на James Webb го потврдија тоа“, рече Лустиг-Јагер во соопштението на НАСА.

Според вселенската агенција, меѓу телескопите кои работат денес, вклучувајќи ги и копнените и орбиталните, само James Webb има способност прецизно да ги карактеризира атмосферите на егзопланетите слични на Земјата. Истражувачкиот тим сè уште работи на утврдување каква атмосфера има карпестата планета и дали воопшто има таква.

Постои шанса планетата да нема сопствена гасовита изолација, но сепак би можела да „сокрие“ мала атмосфера во близина на нејзината површина. Атмосферата составена од 100 проценти јаглерод диоксид е толку компактна што е многу тешко да се открие, тврди Лустиг Јегер. Сепак, научниците се убедени дека планетата има опресивна атмосфера слична на онаа на месечината Титан на Сатурн.

„Постојат некои атмосфери од типот на земјината што можеме да ги исклучиме. Оваа планета не може да има густа атмосфера со доминација на метан“, додаде тој.

Сепак, температурата на површината на планетата се чини дека е околу 300 степени, многу повисока отколку на Земјата.

LHS 475 b ја комплетира орбитата околу својата ѕвезда за само два дена.