Во текот на изминатите неколку недели, се појавија многубројни информации за претстојните флексибилни телефони, носечки уреди и TWS слушалки на Samsung и сите овие производи треба да бидат претставени за време на новиот Unpacked настан на компанијата.

Иако претходните извештаи сугерираа дека следниот Unpacked ќе се одржи на 3 август, новите детали објавени од дојавувачот Еван Блас сугерираат друг датум. Според наводите на @evleaks, Samsung Galaxy Unpacked настанот се очекува на 11 август, односно нешто повеќе од една недела по првобитно предвидениот датум на одржување.

Судејќи според она што го дознавме досега, Samsung се очекува да претстави најмалку три различни типа уреди, а ова ги вклучува Galaxy Z Fold 3 и Galaxy Z Flip 3 телефоните, Galaxy Watch 4 и Galaxy Watch 4 Active паметните часовници, како како и Galaxy Buds 2 слушалките.

За време на настанот се очекуваше да биде претставен и Galaxy S21 FE моделот, но информациите од претходно сугерираа дека јужнокорејската компанија сепак ќе ја одложи објавата на следниот Fan Edition телефон.