Новиот закон од норвешкото Министерство за деца и семејство бара од инфлуенсерите и огласувачите да нагласат кои објавени фотографии на социјалните мрежи се ретуширани. Пробуваат да ги разбијат нереалните идеали на убавината.
Законот беше усвоен на почетокот на овој месец. Фотографиите на кои е променета големината на некој дел од телото или структурата на кожата на моделот, ќе мораат да содржат ознака осмислена од Министерството за деца и семејни работи. Значи, ова подразбира дека намалувањето на струкот, зголемувањето на усните или „цртањето” се непожелни.
Ова ќе влијае само на фотографиите што се користат во промотивни цели. Меѓутоа, законот вклучува и фотографии што ги споделуваат познатите личности, односно инфлуенсерите на платформите како што се Instagram, TikTok, Facebook, Snapchat и Twitter. Со други зборови, „погодени“ се оние објави од кои инфлуенсерите заработуваат.
Ова не е прв пат да се преземат мерки против нереалните идеали за убавина. Getty Images отстрани ретуширани фотографии од својата база на податоци. Во 2017 година, Франција воведе закон со кој им се забранува на модните списанија да го објавуваат споменатиот вид на фотографии.
„Овој закон е една од мерките против лажната убавина. Се надеваме дека ќе дадеме значителен придонес во борбата против негативното влијание што го има рекламирањето врз сите луѓе, особено врз децата и младите”, наведоа од Министерството.