Луѓето се во страв и мислат дека ја загубиле контролата над своите домови во кои музиката сама се засилува, светлата се палат и гаснат, греењето е поставено на максимум во текот на жештините, ѕвончето звони на врата, а нема никој и слично.

Визијата за паметен дом беше дека сопствениците ќе имаат можност за едноставно управување со кујнските уреди – ќе ги вклучуваат и исклучуваат светилките и уредите со својот глас, уредите ќе ги учат нивните навики и меѓусебно „ќе комуницираат“, како, на пример, кога сопственикот ќе се разбуди, кафематот веднаш да почне со подготвување на првото утринско кафе. И бравите станаа паметни бидејќи можат да се отклучат преку апликации, а наместо со луѓе, сопствениците разговараат со гласовни асистенти и смарт-звучници кои наутро им ја читаат временската прогноза, им реферираат за закажаните состаноци и слично.

Овие уреди беа замислени да им го олеснат животот на луѓето, но станаа средство за малтретирање што ги претвори модерните домови во „куќи на стравот и ужасот“.

Новинарите на „Њујорк тајмс“ спроведоа истражување меѓу жртвите на семејно насилство, адвокатите и вработените во шелтер-центрите кои им ги опишаа проблемите со малтретирањето преку паметните уреди.

На пример, злоупотребувачите можат да ги користат камерите и микрофоните поставени во паметните домови за следење и прислушување на жртвите, можат нагло да ја засилуваат музиката, да ги вклучуваат и исклучуваат светилките, да го вклучуваат или исклучуваат греењето или климата, да го активираат влезното ѕвонче… Проблем е што некогаш ниту луѓето што живеат во смарт-домови не се свесни за сите можности на IoT-уредите кои преку мобилни апликации можат на далечина да контролираат каква било активност на домашните уреди.

Од „Њујорк тајмс“ истакнуваат дека поради вакви случувања, луѓето чувствуваат дека ја губат контролата врз сопствениот дом, па стануваат параноични – но по извесно време им станува јасно дека некој друг ги контролира уредите во нивниот дом, што предизвикува чувство на паника и страв.

Голем проблем се и поранешните партнери, кои по прекинувањето можат да прислушуваат, да следат, па и да ги застрашуваат и да ги малтретираат лицата со кои живееле заедно и чии безбедносни шифри им биле познати – а жртвите воопшто да не знаат дека нивните животи се под константен надзор.

Иако некои уреди можат да се исклучат и со ресетирање повторно да се побара лозинка за да се спречи управување со нив од оддалечено место, проблемот е што во некои случаи ниту ресетирањето на лозинката не помага. Сепак, најголем проблем е што ваквите уреди многу лесно се хакираат и се обезбедува контрола над нив.

Извори: Zimo.hr / NY Times