Корисниците на оперативните системи Android и Windows конечно ќе извршуваат повици преку апликацијата FaceTime.

Компанијата Apple во текот на својата WWDC Keynote презентација најави дека FaceTime ќе биде достапен на веб, така што корисниците ќе можат да го користат за повици од уредите со Android, но и од компјутерите кои го користат Windows. Услугата за видео повици претходно беше достапна само на iOS и Mac уредите.

Со ова ажурирање, Apple го претвора FaceTime во услуга за видео повици слична на Zoom, а апликацијата ќе им овозможи на корисниците да земат линк до договорен повик и однапред да го споделат со луѓето за да можат да се приклучат во вистинско време.

Покрај тоа, најавен е и подобар квалитет на звук, опција за заматување на позадината со таканаречениот портрет режим, а тука е и новата опција SharePlay, што ќе им овозможи на група луѓе истовремено да слушаат или гледаат иста работа. Корисниците ќе можат да споделуваат песни, клипови или целосниот екран. Некои големи имиња ќе ја поддржат оваа функција, а меѓу нив се Disney Plus, Hulu, HBO Max и Twitch, а ќе ја поддржуваат и Apple Music и Apple TV Plus.

Се очекува дека оваа опција ќе биде достапна со доаѓањето на iOS 15 наесен.

Виртуелните забави кои подразбираат заедничко гледање содржини станаа популарни за време на пандемијата.