Facebook одлучи да го суспендира профилот на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, на две години, барем до јануари 2023 година.

Двегодишната суспензија е во сила од првичниот датум кога на Трамп му беше забранет пристапот до Facebook на 7 јануари годинава и ќе се укине доколку се намали ризикот за јавната безбедност, објави Facebook во блогот, пренесува АП.

Во мај надзорниот одбор на Facebook поддржа суспендирање на профилот на Трамп, воведено по немирите во Капитол на 6 јануари од страв дека тогашниот претседател со своите коментари поттикнал насилство во американскиот Конгрес, но исто така заклучил дека одлуката за суспендирање на неодредено време е погрешно и ѝ даде на компанијата шест месеци да утврди нова соодветна мерка.