Научници од три универзитети во Австралија успеале да направат мрежа со најбрз проток на податоци во светот.

Колку и да имате брза интернет-врска, секогаш имаме чувство дека може да биде побрзо. Но, брзината што ја постигнаа научниците од Австралија, тешко е воопшто да се замисли.

Научниците од универзитетите „Монаш“, „Синбурн“ и РМИТ успешно тестирале и забележале најголема брзина на пренос на податоци преку интернет благодарение само на еден оптички чип. Нивната брзина изнесувала неверојатни 44,2 терабајти во секунда. Колку е тоа брзо најдобро зборува податокот дека со таа брзина можат да се преземат 1.000 филмови со висок квалитет во помалку од една секунда. Користејќи ја оваа брзина, 1,8 милиони луѓе би можеле истовремено да користат иста широкопојасна интернет-врска без никакви проблеми.

Научниците, чиј успех е забележан во престижното списание „Нејчр Комјуникејшнс“, истакнуваат дека нивното откритие би можело целосно да ги промени животите на милијарда луѓе кои моментално работат од дома.

Нивниот успех е уште поголем затоа што не го постигнале во лабораторијата, туку во реални услови на веќе постоечка инфраструктура. За тестирање, тие користеле нов уред кој може да замени 80 ласери со уред познат како микро-чешел, кој е помал и полесен од постојната телекомуникациска опрема.