Густ, слузен слој на површината на Мраморното море во Турција, кој се нарекува и морска слуз, претставува сè поголема закана по морскиот живот и рибарската индустрија.

Научниците тврдат дека климатските промени и загадувањето придонеле за ширење на органската материја која за првпат се појавила во 2007 година, а содржи широк спектар на микроорганизми и може да процвета кога канализацијата богата со хранливи материи ќе навлезе во морето, пишува „Ројтерс“.

Дронските снимки над Мраморното море, во близина на Истанбул, прикажуваат траекти и товарни бродови како пловат по морето, прекриено со вискозна, сива супстанца која може да го уништи морскиот живот.

„Проблемите со Мраморното море се резултат на човечки фактор. Ова е резултат на домашниот отпад и загадувањето“, вели Тахсин Цејлан кој снимил документарец за влијанието на морската слуз врз морскиот свет.

„Единственото нешто што можете да го направите е да не го фрлате вашиот отпад во морето. Мислам дека природата не го заслужува ова“, тврди Цејлан.

Експертите го поврзуваат ширењето на морската слуз со високите температури на морињата кои се резултат на климатските промени, но и на испуштањето на нефилтрираната канализација во водите.

Министерот за заштита на животната средина, Мурат Курум, вели дека морската слуз е сериозен проблем и дека тим од 300 членови проценува и анализира десетина пунктови во Мраморното море како и постројки за прочистување на водата и извори на загадување.

Хидробиологот Левент Артуз предупредил дека таквите еколошки проблеми и понатаму ќе се случуваат ако не се промени однесувањето на луѓето.

„Сè додека продолжиме со таа пракса, нема многу смисла да очекуваме поинакви резултати. И понатаму ќе се среќаваме со вакви катастрофи“, вели тој, истакнувајќи дека во последните години е зголемено испуштањето на канализацијата во морето.

Мраморното море е внатрешно море помеѓу Европа и Азија. Тоа преку Дарданели е поврзано со Егејското море, како и Босфор со Црното море.

Извор: Sputnik.rs