Француската „Санофи“ и британската „Глаксо Смит Клајн“ (ГСК) денеска ја почнаа третата фаза на испитување на потенцијалната комбинирана вакцина против Ковид-19 за која се надеваат дека ќе биде одобрена до крајот на 2021 година.
Студијата иницирана од „Санофи“ и ГСК е едно од првите испитувања во доцната фаза, која комбинира тестови за засилувачи и варијанти, а производителите на лекови ги приспособуваат своите стратегии за борба против еволутивниот коронавирус, објави „Ројтерс“.
Двата производитела на лекови, кои објавија позитивни привремени резултати на почетокот на овој месец, потврдија дека студијата во третата фаза ќе опфати повеќе од 35.000 возрасни лица во САД, Азија, Африка и во Латинска Америка.
„Во двофазен пристап студијата првично ќе ја испита ефективноста на формулацијата за вакцини врз оригиналниот вирус, а во втората фаза ќе ја процени втората формулација за вирусот B.1.351“, соопшти „Санофи“. Вирусот, познат како Б.1.351, прв пат е откриен во Јужна Африка.
„Најновите научни докази покажуваат дека антителата генерирани против варијантата Б.1.351 може да обезбедат широка вкрстена заштита од други преносливи варијанти“, неведува „Санофи“.
Третата фаза, која ќе се спроведува во широк опсег на разни географски области, исто така ќе овозможи процена на ефикасноста против разни варијанти, додаде францускиот производител на лекови во изјавата.