Четвртиот пробен лет на ракетата Starship на компанијата Space X, кој беше изведен денеска, се покажа неуспешен, а прототипот се урна, потврди основачот на компанијата, Елон Маск на Twitter.

„Нешто важно се случи за време на спуштањето“, напиша тој на социјалната мрежа, по трите претходни неуспешни обиди.

„Ќе откриеме што се случи кога ќе ги истражиме остатоците подоцна во текот на денот“, посочи Маск, кој на шега додаде: „Барем кратерот е на добро место!“

Третиот прототип на ракетата Starship на американската вселенска компанија SpaceX експлодираше на почетокот на март по она што се чинеше како успешен лет и слетување. Претходните два теста завршија со пад при слетувањето.

Основачот на приватната вселенска компанија SpaceX, милијардерот Елон Маск, кој е сопственик и на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, ја развива следната генерација на ракетата Starship со цел патувања на Марс и Месечината.

Ракетата Starship е јадрото на амбициите на Маск да ги направи летовите во вселената подостапни за луѓето.

Пробните лансирањата се одвиваат во речиси пуста област изнајмена од SpaceX во јужен Тексас недалеку од границата со Мексико и покрај Мексиканскиот залив.

Оваа област е доволно голема и пуста за несреќа или експлозија да не предизвикаат штета или жртви.

И покрај падовите, SpaceX собира важни податоци што ќе овозможат да се забрза развојот на вселенската програма, велат експертите.