Компанијата Sony не очекува подобрување на ситуацијата кога станува збор за залихите на PlayStation 5, барем не во поскоро време.

Извршниот директор на Sony, Хироки Тотоки изјави дека е многу тешко за компанијата да се справи со побарувачката за конзолата PlayStation 5 и дека сегашната состојба ќе продолжи и во 2022 година.

„Не верувам дека побарувачката ќе се намали оваа година дури и ако обезбедиме многу повеќе уреди и произведеме многу повеќе единици за PS5 следната година. Нашиот инвентар нема да може да одговара на побарувачката. Продадовме повеќе од 100 милиони PlayStation 4, со оглед на нашиот удел на пазарот и угледот, не можам ни да замислам пад на побарувачката“, рече Тотоки.

Sony има намера да произведе најмалку 14,8 милиони PS5 конзоли во фискалната година што започна во април 2021 година откако продаде 7,8 милиони конзоли до 31 март. Компанијата продаде 14,8 милиони PS4 конзоли во својата прва целосна фискална година, но во тој период имаше големи проблеми со залихите. Почетната побарувачка за конзолата PS5 е уште поголема.

Коментарите на Тотоки се помалку оптимистични од претходните пораки на Sony, кога беше речено дека состојбата ќе се подобрува од месец во месец оваа година. Можно е залихите да се подобрат во наредниот период, но како што истакна Тотоки, тоа сепак нема да биде доволно за да се задоволи побарувачката.

Извор: Klix.ba