Капсулата Crew Dragon наменета за патување на четири цивилни астронаути во вселената оваа година ќе добие стаклена куполаа.
Стаклената купола ќе се наоѓа на врвот на капсулата и ќе им овозможи на астронаутите да имаат одличен поглед во вселената и тоа под агол од 360 степени. Плановите за куполата најавени во вторникот се дел од планот на компанијата SpaceX и тимот што стои зад туристичката мисија Inspiration 4.
Стаклениот прозорец во облик на купола ќе го замени адаптерот за спојување којшто досега се наоѓаше на носот на капсулата, со оглед на тоа што повеќе нема да има потреба за спојување со Меѓународната вселенска станица. Самата купола ќе биде слична како онаа на Станицата, но изгледа дека во случајот на Crew Dragon погледот ќе биде без пречки и други структури што го делат стаклото.
SpaceX ја дизајнираше Crew Dragon благодарение на договорот потпишан со Commercial Crew програмата на НАСА, вредна 2,6 милијарди долари. Тоа е јавно-приватна иницијатива за стимулирање на развој на вселенски капсули од приватно производство, а кои ќе бидат примарен транспорт на NASA во вселената.
Boeing ја развива и капсулата Starliner во рамките на истата програма.
Crew Dragon веќе е во оперативна фаза и минатата година имаше два лета со екипаж во вселената.