Одборот на американската компанија OpenAI, која го создаде системот за вештачка интелигенција ChatGPT, соопшти дека го отпуштила ко-основачот и извршен директор на компанијата, Сем Алтман, откако изјавил дека не бил искрен во неговата комуникација со одборот.

Одборот повеќе нема доверба во способноста на Алтман да продолжи да го води OpenAI бидејќи тој наводно се мешал во способноста на одборот да ги извршува своите должности, се вели во соопштението на компанијата.

Главниот директор за технологија на OpenAI, Мира Мурати, веднаш ќе ја преземе функцијата привремен извршен директор, соопшти компанијата, пренесе АП.

Како што беше наведено, претседателот на одборот и претседател на OpenAI Грег Брокман ќе се повлече од функцијата претседател на одборот, но ќе продолжи да има улога во компанијата. Во соопштението не е дадено објаснување за таа промена.

Алтман помогна во лансирањето на OpenAI како непрофитна истражувачка лабораторија во 2015 година и беше во глобалното внимание оваа година како лицето на OpenAI откако ChatGPT стана популарен во јавноста.

Во четвртокот, Алтман учествуваше на самитот на извршните директори на конференцијата за Азиско-пацифичка економска соработка (APEC) во Сан Франциско, каде што е седиштето на OpenAI. Тој зборуваше за начините на кои вештачката интелигенција, според него, може да му помогне на човештвото во иднина.