Facebook ќе додава информативни ознаки на објави за вакцините против коронавирус, во рамки на кампањата за борба против дезинформации поврзани со пандемијата.
Извршниот директор на компанијата, Марк Цукерберг денес соопшти дека ознаките ќе содржат одредница за „веродостојни информации“ за вакцините од Светската здравствена организација, пренесува AP.
Како што е објаснето, ознаките ќе бидат достапни на англиски и на уште пет јазици, а се најавува дека во наредните недели ќе бидат додадени и други јазици.
Facebook ќе додаде и алатка која ќе им помага на корисниците да се вакцинираат така што ќе ги поврзуваат со информации за тоа каде и кога може да се имунизираат.
Facebook и Instagram беа критикувани дека овозможувале да се шири пропаганда против вакцинација, но и поради спорото отстранување на дезинформации.