Руските власти тужеа пет медиумски платформи, вклучувајќи ги Google, Facebook и Twitter, зашто не ги избришале објавите во кои се повикуваат деца да учествуваат во нелегалните протести, објави Интерфакс, повикувајќи се на судот во Москва.
Google, Facebook и Twitter се соочуваат со по три обвиненија, секое казниво до четири милиони рубљи. Руските власти ги тужеле и TikTok и Telegram.
Случаи против технолошките гиганти се отворија по протестите низ целата земја поради затворањето на опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој тврди дека сите дејствија против него се политички мотивирани. Властите го негираат тоа.
Google одбил да ги коментира наводите на Интерфакс, а Google, Facebook, TikTok и Telegram не одговориле на барањето. Судот ќе ги сослуша аргументите против Google, Facebook и Twitter на почетокот на април.