Поранешниот директор на социјалната мрежа проговори за влијанието на Facebook ширум светот.

Камат Палихапити, кој на Facebook му се придружил во 2007 година, изјави дека чувствува огромна вина што на таква компанија и помогнал да расте.

„Мислам дека создадовме алатки кои го разбиваат начинот на кој функционира општеството”, вели тој и ги советува луѓето да се откажат од друштвените мрежи.

Неговите критики не се насочени само кон Facebook, туку кон целиот онлајн екосистем.

„Поради лајкот, но и други алатки кои ги креиравме, нема соработка, граѓански дискурс и има сè повеќе дезинформации. Ова не е американски проблем, туку е глобален проблем”.

Како пример за лошо влијание врз општеството, наведе инцидент во Индија каде лажни пораки за киднапирање поделени на WhatsApp довеле до линчување на седум невини луѓе.

Тој вели дека се труди да го користи Facebook што помалку, а на неговите деца не им е дозволен.

Камат не е единствениот кој реши да проговори за проблемите кои најпопуларната мрежа во светот ги предизвикува. Пред еден месец, за последиците говореше и коосновачот Шон Паркер.

Паркер истакна дека тогаш не ги сфаќал последиците и дека немал свест за непредвидливите последици до кои доаѓа кога мрежата ќе порасне на повеќе од 2 милијарди корисници.

„Буквално, мрежата го менува вашиот однос кон општеството, самиот однос меѓу луѓето. Веројатно на чуден начин влијае на продуктивноста. Кој знае што им прави на мозоците на нашите деца”, изјави Паркер.

Извор: B92.net