Роверот Perseverance на NASA ќе слета во кратерот Језеро на Марс на 18. февруари околу 21:30 часот. Кратерот го добил името по општината Језеро во Босна и Херцеговина, во западниот дел од Република Српска. Од NASA најавија дека ќе применат нова техника на меко слетување. Првпат на Марс ќе лета и мал хеликоптер.

Ако малиот роботски ровер Perseverance успешно слета на површината на Марс, односно во кратерот Језеро, ќе има задача да собира климатски и геолошки податоци, примероци од карпите и површината и да го истражува постоењето микроорганизми на Црвената Планета.

Роверот е лансиран во јули, а NASA очекува дека ќе овозможи директен пренос од слетувањето за да може целиот свет да го види овој настан. Вселенската агенција деновиве објави и трејлер за мисијата Perseverance, што изгледа како реклама за долгоочекуваниот научен подвиг.