Француската компанија Алстом достигна ново ниво во транспортот откако објави дека првиот водороден воз Coradia iLint пристигнал во Бремервурде, Германија.

Регионалниот воз испушта само пареа и кондензирана вода додека работи прилично тивко. Ова достигнување има за цел да придонесе за „позелена“ железничка мрежа ширум светот.

„Мобилноста без емисија е една од најважните цели за да се обезбеди одржлива иднина, а Алстом има јасна амбиција да стане светски лидер во алтернативни погонски системи за железници. Првиот водороден воз во светот, Coradia iLint, ја покажува нашата јасна посветеност до „зелена“ мобилност во комбинација со најсовремена технологија. Многу сме горди што оваа технологија ја ставаме во серија како дел од светската премиера, заедно со нашите партнери“, рече Анри Пупарт-Лафарж, директор и претседател на Одборот на директори на Алстом.

Само еден килограм водородно гориво е доволно за замена на 4,5 килограми дизел.

Како што објави CNN, четиринаесет водородни возови се напојуваат од горивни ќелии. Договорот е вреден 93 милиони долари и е потпишан со Алстом од државната филијала Landesnahverkehrsgesellschaft Niedersachsen (LVNG). Две компании се дел од проектот, компанијата за железници и транспорт Елба-Везер (ЕВБ), која ќе управува со возовите, и гасната и инженерската компанија Линде.

Возовите почнаа да сообраќаат неодамна и постепено ќе ги заменат 15-те воза кои моментално работат.

Новите возови не произведуваат штетни гасови и создаваат мала бучава, а од издувниот систем излегува само пареа и кондензација. Нивниот домет е 1.000 километри, што значи дека секој воз може да сообраќа во текот на денот со само еден резервоар водород.

Максималната брзина на возовите е 140 km/h, додека стандардните возови достигнуваат брзина помеѓу 80 и 120 km/h.

Следна дестинација на водородните возови ќе биде Франкфурт, кој има нарачано вкупно 27. Исто така, шест воза ќе сообраќаат во Италија, поточно во регионот на Ломбардија, како и во Франција, каде што 12 воза ќе бидат поделени во четири региони.