Кон крајот на јануари, познат дојавувач сугерираше дека OnePlus 9 и 9 Pro ќе имаат батерии од 4500mAh. Сега втор дојавувач Max Jambor ги потврдува овие информации, а тврди и дека двата телефони ќе пристигнат со полнач во пакетот.

Jambor не ја истакнува брзината на полнење на овие адаптери, но фотографијата што ја објави на Твитер укажува на батерии со две ќелии за двата уреда.

Гласините од претходно сугерираа дека OnePlus 9 Pro ќе има можност за полнење до 65W, а слично се очекува и за стандардниот модел. Не е познато дали моделот OnePlus 9 Lite ќе ја има истата брзина на полнење.

OnePlus 9 и 9 Pro би требало да користат Snapdragon 888 чипсет и да имаат екрани со брзина на освежување од 120Hz. Стандардниот OnePlus 9 ќе има 6,55-инчен FullHD+ панел, додека Pro моделот ќе има 6,78-инчен QHD+ закривен дисплеј.

Претходните гласини споменуваа и поддршка за безжично полнење кај двата телефони. Pro варијантата би можела да нуди поддршка до 45W, додека брзините за безжично полнење за стандардниот модел не се познати.

OnePlus 9 серијата смартфони се очекува во текот на март, а повеќе информации за новите модели се очекуваат во следниот период.