Производителите често даваат препораки за безбедна употреба на своите уреди околу безжични или магнетни производи за да ги спречат можните пречки. Apple ги предупредува купувачите дека нивните паметни телефони можат да им пречат на медицинските уреди, вклучително и пејсмејкерите.

Во соопштението објавено на страницата за поддршка на Apple, компанијата се надоврза на претходно објавените безбедносни информации, предупредувајќи ги корисниците дека iPhone содржи магнети и радиoстаници што емитуваат електромагнетни полиња и можат да им пречат на медицинските помагала, како што се вградени пејсмејкери и дефибрилатори.

Соопштението посебно се однесува на сите четири iPhone 12 модели, како и додатоците за безжично полнење, MagSafe.

Apple (AAPL) забележува дека iPhone 12 верзиите содржат повеќе магнети од претходните модели на iPhone, но компанијата посочува и дека не претставуваат поголем ризик од претходните модели.

Apple наведува дека медицинските помагала може да содржат сензори што можат да реагираат на магнети или радио бранови што се наоѓаат во непоредна близина.

„Компанијата препорачува да ги чувате iPhone и MagSafe полначите на безбедно растојание од медицинските помагала“, пишува CNN.

Кога Apple минатата есен го претстави iPhone 12, компанијата го најави и враќањето на MagSafe, некогаш омилена функција на MacBook. Клиентите можат да купат MagSafe приклучни станици за безжично полнење на нивните уреди и друга магнетна опрема, вклучувајќи ги и футролите и паричниците што се прицврстуваат на задната страна од телефонот.

Apple не одговори веднаш на барањето за коментар, зошто сега ги проширува безбедносните упатства. Но, списанието Heart Rhythm Journal претходно овој месец објави извештај, во кој се тврди дека магнетите во iPhone 12 што го прават компатибилен со MagSafe, би можеле да му пречат на дефибрилаторот.

„Консултирајте се со вашиот лекар и производител на медицински помагала за информации специфични за вашиот медицински уред, како и дали треба да одржувате безбедно растојание помеѓу вашиот медицински уред и iPhone, но и сите MagSafe додатоци“, се вели во соопштението на Apple.

Уште една работа за која корисниците на iPhone 12 треба да бидат свесни кога ги користат MagSafe полначите: „Избегнувајте ставање кредитни картички, безбедносни значки, пасоши помеѓу вашиот телефон и MagSafe полначи, бидејќи магнетите можат да ги оштетат лентите или RFID чиповите во овие предмети. Ако имате футрола за телефонот во која се наоѓаат такви предмети, отстранете ги пред безжичното полнење на уредот“.