Заборавете на клучевите, автомобилот ќе може од далечина да се отклучува со помош на паметниот телефон.

Меѓу бројните работи што ги пензионираа паметните телефони или барем ги турнаа во втор план, како што се MP3 плеерите, дигиталните фотоапарати, GPS уреди и банкарски картички, наскоро би можеле да додадеме уште еден што го користиме секој ден – клучевите од автомобилот. Иако технологијата за отклучување на автомобил преку смарфон веќе се користи, таа е базирана на NFC, што значи дека телефонот треба да го потпрете на возилото, но благодарение на една друга технологија (UWB), автомобилот со телефон ќе може да се отклучува далечина, како што сега тоа го правиме со клучевите.

Новите модели на смартфони на Apple доаѓаат со оваа технологија, а BMW неодамна објави дека токму UWB ќе го користи на своите претстојни електрични возила од iX серијата. Принципот на кој работи UWB најдобро е опишан на Wired, нарекувајќи го „bluetooth на стероиди“, додека Apple го нарекува внатрешен GPS. Се работи за радио технологија со краток опсег што ќе овозможи не само безжична комуникација со други уреди и на пр. отклучување на вратата од автомобилот од далечина, туку и пронаоѓање други уреди што се наоѓаат во близина, на сличен начин како што тоа го прават уредите како популарните локатори на компанијата Tile.

Apple не е единствената мобилна компанија чии телефони имаат поддршка за UWB – неодамна и Samsung ја објави Galaxy S21 серијата, во која исто така е имплементирана оваа технологија, а уште пред тоа и Xiaomi во Mi10 серијата. Се чини дека ова е само почеток, бидејќи според информациите на инсајдерите во мобилната индустрија, се повеќе компании планираат да претстават смартфон со поддршка на UWB. Оваа година можеме да ги очекуваме новите уреди на Xiaomi со поддршка на UWB, но такви телефони подготвуваат и Oppo, Vivo и други компании, што значи дека бројни смартфони во иднина ќе можат да ги заменат автомобилските клучеви.

Секако, покрај мобилните производители, UWB треба да биде прифатен и од производителите на автомобили. BMW веќе го потврди ова, а Samsung најави дека исто така соработува со BMW, но и со Audi, Ford и Genesis, и не е тешко да се претпостави дека во (блиска или далечна) иднина, поддршката за дигиталните клучеви може да стане индустриски стандард.