Доколку Русите и Кинезите ги здружат силите во истражувањето на Месечината, NASA би можела да добие доста сериозна конкуренција на единствениот сателит на Земјата.

Руската национална вселенска агенција Роскосмос е во преговори со Кина и другите меѓународни партнери за создавање база на Месечината, откри шефот на агенцијата, Дмитриј Рогозин, а пренесуваат руските медиуми.

„Преговараме со меѓународни партнери, пред се со Кина, за воспоставување истражувачка база на Месечината“, напиша Рогозин на својот канал на Telegram.

Рогозин потсети и дека руската програма за истражување на Месечината треба да почне оваа година и истакна дека Русија планира човечка мисија на Месечината во 2028 година.

Претходно, портпаролот на Кинеската национална вселенска агенција CNSA, Xu Hongliang изјави дека Кина продолжува да ја истражува Месечината и планира да ги соедини напорите со Русија на проектите за истражување на Месечината.

Во ноември 2017 година, Роскосмос и CNSA потпишаа програма за вселенска соработказа периодот помеѓу 2018 и 2022 година. Во него се содржани  шест дела на кои работат работни групи формирани за оваа задача.

Во декември 2020 година, Рогозин во текот на еден состанок на Советот на Руската Федерација истакна и дека Кина понудила во проектот на заедничко истражување на Месечината да се придружи и Европската Унија.