Иако спецификациите, датумот на објава и цената на претстојниот iPad Pro модел засега се мистерија, тоа може да се каже и за дизајнот на уредот. Сајтот 91Mobiles дојде до ексклузивни рендери на претстојниот премиум таблет уред на Apple.

Судејќи според се, iPad Pro 2021 ќе изгледа исто како и минатогодишниот модел. Рендерите го потврдуваат дизајнот за 12,9-инчниот iPad Pro, кој ќе има заоблени рабови, за нијанса потенки рамки околу екранот и четвртест камера модул на задната страна. Над екранот се наоѓа Face ID сензор, а во горниот дел на уредот ќе се наоѓа копчето за вклучување.

Изгледа дека iPad Pro 2021 ќе има систем со четири звучници и две камери на задната страна, со LED блиц, LiDAR сензор и микрофон. Присутна е и лентата за полнење на Apple Pencil паметното пенкало. USB Type-C портот ќе се најде на дното на уредот

Гласините сугерираат дека таблетот би можел да го користи најновиот A14 Bionic чипсет и да пристигне со Mini-LED дисплеј, а iPad Pro 2021 се очекува да биде и првиот таблет на Apple со 5G поддршка.