Главниот извршен директор на Ericsson, Борје Екхолм, изврши притисок врз шведски министер да ја поништи забраната за вклучување на Huawei и ZTE во развојот на 5G во земјата, објави весникот „Дагенс Нихетер“.

Екхолм лобирал кај министерката за надворешна трговија, Ана Халберг преку серија телефонски пораки за да ја разгледа наредбата на Шведската управа за пошти и телекомуникации (ПТС) според која до јануари 2025. година операторите треба да ги отстранат кинеските компании од постојната инфраструктура што се користи за 5G фреквенции, објави шведскиот весник.

Портпаролот на Ericsson за Bloomberg потврди дека Екхолм бил во контакт со министерката.

Халберг за DN изјави дека немала никаков контакт со ПТС и дека никогаш нема да пристапи како министер да влијае на одлуките на одделни власти. Таа додаде дека во ниту еден момент немала средба со Екхолм.

Изјавите следат по коментарите на Џејкоб Валенберг, заменик претседател на бордот на директори на Ericsson, кој рече дека „запирањето на Хуавеј дефинитивно не е добро“, според интервјуто во истиот весник од 25 декември.

Забраната се засноваше на проценка на шведските полициски и воени агенции, според која влијанието на кинеската влада врз приватниот сектор „носи силни стимулации за приватните компании да дејствуваат во согласност со државните цели и националните стратегии на комунистичката партија“.