Пред извесно време, дознавме дека Huawei работи на неколку компјутери со сопствена Kirin чипсет архитектура – на десктоп и лаптоп платформите. Компанијата веќе го потврди десктоп компјутерот со свој HiSilicon ARM чип, а сега се појавија и повеќе детали за лаптоп варијантата.

Доверливиот дојавувач на Weibo социјалната мрежа објави фотографија од пакувањето на лаптопот, со некои главни спецификации. Уредот користи Kirin 990 чипсет, во комбинација со 8 GB RAM меморија, 512 GB SSD и има 14-инчен 1080p дисплеј. Лаптопот работи под Deepin OS 20, базиран на Linux, но се очекува дека во иднина ќе може да се префрли на HarmonyOS.

Самиот лаптоп го носи името Qingyun L410 и се очекува да биде поевтина верзија на MateBook 14 моделот . Постои можност уредот да поддржува 5G конекција, бидејќи чипсетот што го покренува има интегриран 5G модем.

Сигурно е дека Huawei Qingyun L410 лаптопот најпрвин ќе биде достапен на кинескиот пазар, пред да се појави на другите пазари, доколку Huawei воопшто одлучи да го претстави глобално.