Google во текот на 2017. година го објави Project Treble – модуларен редизајн на Android системската архитектура, која требаше да го намали времето потребно производителите на телефони да ги ажурираат своите уреди на најновата верзија на мобилниот оперативен систем.
Новото партнерство помеѓу Google и Qualcomm ќе овозможи подобрување на Project Treble проектот и дополнително поедноставување на процесот на ажурирање за уредите со Snapdragon чипови.
Се истакнува дека ова партнерство ќе го намали времето и ресурсите кои им се потребни на производителите да инвестираат во ажурирањето на своите смартфони со најновиот Google софтвер, со што конечно се продолжува животниот век на производот. Во иднина, уредите опремени со Snapdragon чипови кои го поддржуваат Project Treble, ќе овозможат до четири големи надградби на Android платфромата и четири години сигурносни исправки.
Првите телефони, кои ќе ја искористат предноста на Project Treble се моделите со Qualcomm Snapdragon 888 чипсет, кој на уредите ќе почне да се појавува наскоро. Qualcomm подоцна појасни дека планира на ист начин да понуди и поддршка за чиповите од пониските сегменти.