За време на тест-периодот, за само 6 часа, две камери фатиле повеќе од 400 возачи кои го користеле телефонот додека возеле – доволно за казни од скоро 100.000 евра

За новите сообраќајни камери во Холандија, кои првенствено се наменети за следење на употребата на мобилни телефони за време на возењето е доста пишувано. Сега се познати и првите резултати од пробната работа. Се чини дека со овие камери, парите кои ќе се слеваат во буџетот ќе бидат толку големи што холандскиот министер за финансии ќе скока од радост како мало дете кога ќе добие тоа што сака.

Во последната година, изречени се над 120.000 казни на возачи кои го користеле телефонот зад воланот, велат податоците на Институтот за истражување на безбедноста на патиштата во Холандија. Овие казни се наплатени со класичниот метод на полициско надгледување. Сега сè се менува и со камерите потенцијалот за фаќање на возачите кои го кршат законот е многу поголем.

„Доколку новите паметни камери работат цела година, тој број лесно ќе се удвои. Тие гледаат сè“, вели државниот обвинител за сообраќај Ахил Дамен.

За време на тест-периодот, за само 6 часа, две камери фатиле повеќе од четиристотини возачи кои го користеле телефонот додека возеле (испраќале пораки или зборувале) што е доволно за казни од скоро 100.000 евра.