Apple M1 чипсетот во MacBook Air, MacBook Pro и Mac Mini изненади многумина, но мапата на објава на чипови на Apple вклучува и дизајни со до 32 јадра. Бидејќи најмоќните MacBook Pro mодели се подготвуваат да ги отфрлат решенијата на Intel, веќе гледаме поагресивен настап на компанијата Apple на полето на објава на сопствени чипови засновани на ARM архитектура.

Најновите протечени информации сугерираат дека компанијата од Купертино оди максимално на зголемување на перформансите. Извештајот на Bloomberg истакнува дека следни на ред се надградбите за MacBook Pro, iMac во буџетска и премиум варијанта, како и Mac Pro. Новите лаптопи би можеле да пристигнат најрано во текот на пролетта, 2021. година, додека останатите производи се очекуваат во текот на есента.

Моментно во развој е помоќна верзија на M1 чипот, која ќе ја користат новите MacBook Pro и iMac модели. Apple наводно работи на до 16 таканаречени „power“ јадра, кои ќе бидат задолжени за најбитните задачи на процесирање, заедно со четири ефикасни јадра.

Една од можностите е дека Apple ќе користи различни верзии на овој 16-јадрен чипсет, за различните уреди. Тоа би можело да овозможи флексибилност во позиционирањето и цената на пазарот: со овозможување само на 8-12 јадра би се обезбедил истиот чип за подостапните MacBook Pro или iMac модели.

Apple нема да се фокусира само на процесорите. Претстојните М1 чипови за лаптопите од горниот сегмент и десктоп уредите од средниот сегмент, според гласините, ќе имаат 16 или 32 GPU јадра за максимални графилчки перформанси.

Се очекува дека најмоќните Apple модели надградбата на Apple Silicon со 32 „performance“ јадра ќе ја добијат подоцна во текот на 2021. година. Кон крајот на следната и почетокот на 2022. година, би можеле да видиме и графички процесори со 64 или 128 јадра.