Елон Маск тврди дека неговата компанија Neuralink работи на поврзување на човечкиот мозок и компјутерите, што ќе овозможи пренесување на музика „директно во мозокот“.

Како што изјави, луѓето ќе можат да слушаат музика „директно од чипови“.

Исто така, тврди дека Neuralink работи на технологија која „може да помогне во контролата на нивото на хормоните, да ги подобри способностите, разумот, да ја ублажи вознемиреноста и сл.

Од основањето на Neuralink во 2016 година, се одржа само една голема јавна презентација за тоа како овој стартап ќе функционира.

Говорејќи на тој настан во 2019 година, Маск изјави дека тие работат на уред кој „личи на машина за шиење“, а која ќе овозможи директна врска помеѓу компјутерот и чипот кој е вметнат во мозокот, објави Independent.

Технологијата најпрво би можела да се користи за да им помогне на луѓето кои страдаат од болести на мозокот, како Паркинсонова болест, но крајната цел на Neuralink е да им овозможи на луѓето да се натпреваруваат со напредна вештачка интелигенција, изјави тој.

Инсталацијата на чипот би требало да биде слична на ласерската операција на очите, а во документот кој детално го опишува овој проект пишува и дека постои еден USB-C кабел кој ќе обезбеди „пренос на податоци со полна брзина“ до мозокот.

Претходно овој месец, Маск навести дека уште една цел на чипот на Neuralink е лекување на депресија и зависност. Ова би требало да се случи со „реорганизирање“ на деловите на мозокот кои се одговорни за овие заболувања.

Тестовите веќе се извршени на животни. Првично е планирано да бидат организирани и за луѓето оваа година, меѓутоа ќе видиме дали пандемијата од коронавирус ги променила тие планови. Повеќе информации треба да бидат објавени на 28 август.

Извор: B92.net