Според наводите на извори од индустријата, Samsung би можел да претстави три нови флексибилни телефони во текот на 2021. година. Трите уреда би требало да ги вклучуваат Galaxy Z Flip 2, Galaxy Z Fold 3 и Galaxy Z Fold Lite.
Samsung почна со производство на три типа OLED панели за секој од претстојните уреди, а покрај тоа, јужнокорејската компанија почна со развој и производство на Ultra-thin glass (UTG) стакло, кое ќе ги штити новите панели.
Galaxy Z Fold 3 се очекува со големини на екранот слични на актуелната генерација на Galaxy Z Fold 2 моделот. Гласините сугерираат дека Samsung ќе имплементира камера под екранот како селфи решение, а уредот ќе има и поддршка за S-Pen.
Galaxy Z Fold Lite ќе биде првиот обид на Samsung за објава на поевтин телефон на преклоп, кој би требало да има поразумна цена. Се очекува дека уредот ќе има исти големини на дисплеите како кај Galaxy Z Fold 2.
Galaxy Z Flip 2 ќе го има истиот 6,7-инчен внатрешен екран како оригиналниот Galaxy Z Flip, додека големината на екстерниот екран ќе биде зголемена од 1,1 на 3 инчи. Овој модел нема да има предна камера под екранот, што значи дека Samsung ќе продолжи да го користи punch-hole дизајнот.
Galaxy Z Flip 2 и Galaxy Z Fold 3 се очекуваат подоцна во текот на 2021. година, додека Galaxy Z Fold Lite најверојатно ќе биде објавен на почетокот на следната година.