Постојат изненадувачки начини на кои воздушните струења во рамките на кабината на автомобилот го зголемуваат или сузбиваат ризикот од пренесување на заразата низ воздухот во текот на секојдневното возење.

Физичар од Универзитетот во Масачусец во новата студија, објавена во научното списание Science Advances, покажа дека отворањето на најблискиот прозорец на автомобилот не е секогаш најдобрата опција за заштита од коронавирусот или какво било друго преносно заболување од воздух.

„Би помислиле дека поради пандемијата, луѓето инстинктивно го отвораат прозорецот во автомобил, додека се возат со други. Но, ова можеби не е оптимално, иако е подобро отколку воопшто да не се отвори прозорецот“, посочува Варгезе Матаи, автор на студијата и доцент на наведениот американски универзитет.

Тој појаснува дека истражувањето е дизајнирано така што зема во предвид дека во автомобилот се возат две лица, на пример, како што е случајот со такси-возилата, Uber или приватните видови на транспорт. Претпоставуваат дека патникот седи во автомобилот на задното седиште, за да се обезбеди најголемо можно растојание на толку ограничен простор меѓу нив.

Резултатите на истражувањето сугерираат дека отворањето на прозорците во автомобилот, кои се наоѓаат спроти возачот и патниците, е оптимално решение. Најдобро би било да се спуштат сите прозорци и вентилацијата да се засили во рамките на автомобилот, но тоа не е секогаш најпрактично решение (посебно за време на дожд, снег и голема студ), додека најлошо решение е воопшто да нема отворени прозорци.

Матаи и неговиот тим проучувале што се случува со аеросолните честички кои ги издишуваат возачот и патникот во текот на различните варијанти на спуштени и кренати прозорци во автомобилот.

„По правило, воздухот што кружи во внатрешноста на автомобилот создава поле на низок притисок на предните прозорци, во однос на задните прозорци“, истакнува Матаи.

„Ни падна на ум идејата да ги отвориме предниот и задниот прозорец што се на спротивните страни, бидејќи тогаш се создава воздушна струја, која одзади оди кон предниот дел на кабината и поминува низ средината на автомобилот“, појаснува Матаи.

Тој и неговиот тим колеги од Универзитетот Браун поставија теорија, дека отворањето на предниот десен прозорец и задниот лев прозорец во автомобилот би можело да биде најдобро за заштита на возачот и патникот од стотината честички аеросоли, што ги ослободува човечкиот здив.

„На наше изненадување, симулациите покажаа дека воздушните струи тогаш делуваат како пречка помеѓѕ возачот и патникот“, вели Матаи, опишувајќи го ефектот на воздушна завеса, кој настанува во тие услови.