OnePlus неодамна го претстави OnePlus 8T глобално, а сега сите очи се вперени кон следниот премиум смартфон на компанијата. Наводниот OnePlus 9 веќе почна да се појавува во вестите и гласините. Новите информации ни ги донесува дојавувачот Digital Chat Station.

Дојавувачот објави скици, кои ја прикажуваат задната страна со камера модули од претстојниот OnePlus 9 Pro телефон. Според наводите, уредот пристигнува со три задни камери и LED блиц. Делува дека двете камери изгледаат доста поголемо од вообичаеното. Од предната страна се наоѓа една punch-hole камера, сместена во левиот агол на дисплејот.

Скиците на претстојниот телефон покажуваат и копче за вклучување и слајдер за известувања од десната страна на куќиштето, додека копчињата за звукот се сместени од левата страна.

Според неодамна протечените информации, OnePlus 9 Pro се очекува со 6,7-инчен AMOLED екран со резолуција 1080 x 2400p. Дисплејот има Corning Gorilla Glass 5 заштита.

Телефонот ќе го покренува Qualcomm Snapdragon 865 Plus чипсет, со 8GB RAM меморија. Сето ова ќе го напојува 5000mAh батерија со поддршка за брзо полнење. Очекуваните сензори за камерите би можеле да бидат 64MP + 16MP +  12MP и 32MP за предната камера.